Србија убедлива и против Италија за три од три на Светското првенство

Кошаркарската репрезентација на Србија со максимален учинок од три победи ќе замине во вториот круг на Светското првенство во Кина, откако во последното коло од Д групата беше подобра од Италија со 92-75.

Во првото полувреме доминираа нападите на двата тима, игра во која подобро се снајдоа Србите, кои на пауза заминаа со предност од 50-42. На почетокот на третата четвртина Италијанците предводени од Данило Галинари успеаја во еден момент да дојдат на минус два (53-55). Сепак, Србите успеаја да се консолидираат од стартниот шок и со тимска игра и одлична серија до крајот на третиот период стигнаа до максимални до тој момент плус тринаесет (70-57). Последниот период повторно почна со серија од 5-0 на Италијанците со кои дојдоа на минус осум, но тоа беше се од „аѕурите“. До крајот на мечотсе разигра српската машинерија за на крајот и убедлива победа од 92-75.

Најефикасен во победничкиот табор беше Богдан Богдановиќ со 31 поен, а Јокиќ уфрли 15. Кај Италија најдобар поединец беше Галинари со 23 поени, а Белинели имаше 15.

Се вчитува...