Србинките за малку до сензација против Данска

Ракометарките на Србија и покрај големата борба не успеаја да направат подвиг и на стартот на СП 2023 да го земат скалпот на ко-домаќинот Данска. Србинките беа подобар ривал во голем дел од мечот во Хернинг, на одмор заминаа со два гола предност, а на шест минути до крајот имаа еден гол предност (19-20). Сепак, завршницата мина во знакот на данските ракометарки, кои направија пресврт и на крајот славеа со „плус четири“.

Ема Фрилс со пет гола беше најефикасна во данскиот табор, Чолиќ имаше десет одбрани на голот на Србија, додека најефикасни кај нашиот северен сосед беа Јововиќ, Радосављевиќ и Лаништанин со по пет погодоци.

Норвешка тргна моќно на овој шампионат постигнувајќи дури 45 гола во убедливиот триумф над Австрија од 45-28. Рајстад беше најефикасна во победничкиот табор со десет погодоци.

Шпанија, која е следен ривал на Македонија во квалификациите за ЕП, рутински ја совлада селекцијата на Украина со 32-20, а убедлив триумф на стартот од овој ракометен мундијал забележа и Шведска, славејќи со 36-24 над Кина.

Се вчитува...