Кошаркарите на Гостивар полни со самодоверба влегуваат во полуфиналниот натпревар против Блокотехна, свесни дека сезонава веќе три пати успеаја да триумфираат над незгодниот противник. Сепак, тренерот Марјан Србиновски предупредува дека денешниот дуел ќе биде најтежок за неговиот тим и затоа мора што поскоро да се заборават претходните победи, вклучувајќи ја и онаа последната забележана во средата на стартот од Супер-лигата.
„Нема сомнеж дека овој натпревар ќе биде најтежок бидејќи влогот е најголем – пласман во едно големо финале. Досегашните победи не значат ништо, но ќе мораме да одиграме исто како и на тие средби – максимално ангажирано и во нападот и во одбраната бидејќи само таквиот пристап може да ни донесе триумф. Клучна ќе биде одбраната, ќе мораме да одиграме најдобро што знаеме за да ги неутрализираме нивните клучни играчи, Американците Пен и Фундербург, кои ни создаваа големи проблеми во последниот суперлигашки меч. Доколку успееме во тоа, ќе завршиме голем дел од работата, мораме да најдеме начин да го запреме силното темпо на кое ќе инсистира Блокотехна, а истовремено ние паметно да ги завршуваме нашите напади“ – изјави Србиновски.
Дуелот меѓу Блокотехна и Гостивар на програмата е во 17.30 часот. Во второто полуфинале во 20.15 часот ќе се сретнат МЗТ Скопје и Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА