Србиновски: Работнички е многу опасен и без Владо Илиевски

Ждрепката сакаше втора година по ред Куманово и Работнички да се сретнат меѓу себе уште во четвртфиналето од Купот на Македонија. Во рамките од Првата лига и двата тима успеаја да слават пред своите гледачи, па интересно ќе биде да се види дали најтрофејниот клуб во мак-баскетот, или пак актуелниот вицешампион, ќе се радува на крајот од денешниот дуел што со почеток во 18 часот ќе се игра на неутрален терен во салата „Јасмин“ во Кавадарци. Работнички ќе биде значително ослабен со неиграњето на Владо Илиевски, но тренерот на кумановци, Марјан Србиновски, е свесен дека екипата на Работнички има квалитет и потенцијал за да слави против секого на овој завршен турнир.

Сигурно дека ќе ни биде нешто полесно бидејќи Владо Илиевски не игра, но Работнички е многу опасен и без долгогодишниот репрезентативец во своите редови. Станува збор за искусна и квалитетна екипа која во своите редови има играчи со бројни вакви натпревари. Ова е куп-пресметка, се играат 40 минути, а во една таква ситуација Работнички со сите оружја со кои располага знае да биде многу опасен. Сепак, ние се фокусираме на нашата игра, најважно ќе биде самите да бидеме на посакуваното ниво, бидејќи ако одиграме онака како што знаеме и умееме можеме да славиме на оваа средба. Како што реков и на прес-конференцијата, мислам дека доволно се подготвивме за ова антпреварување, ги анализиравме сите противници и мислам дека сме подготвени за максимумот да го извлечеме од нас и потоа да го прикажеме на терен“ – изјави Србиновски во пресрет на денешната пресметка.

Се вчитува...