Србите одат перфектни на СП, Аргентина без одговор за Рубио

Српската репрезентација е единствената што без пораз во подготовките ќе влезе на СП во Кина, откако нашиот северен сосед триумфираше и на дуелот против Франција со 60-56. Селекторот Ѓорѓевиќ реши на овој меч да ги одмори Богдан Богдановиќ и Бјелица, но и без двајцата одлични кошаркари српскиот состав успеа да стигне до победата. Мечот беше израмнет, а пресуди одличната одбрана на српскиот состав во финишот, Французите во последните четири минути постигнаа само два поени (од линијата за слободни фрлања), со што избраниците на Ѓорѓевиќ стигнаа до десеттата победа во низа во овој подготвителен период.

Радуљица беше најефикасен во победничката репрезентација со 13 поени, пред Јокиќ со 10 постигнати поени.

Шпанија во интересен натпревар славеше над Аргентина со 84-76, дуел на кој за „црвената фурија“ не настапи Марк Гасол. Улогата на лидер ја презеде Рики Рубио, кој го предводеше пресвртот во последната четвртина (27-18) со 28 поени (17 од нив во последните десет минути од мечот).

Литванија по голема битка ја совлада Чешка со 82-79, додека Грција и без помошта на Јанис Адетокумбо лесно славеше над Доминканската Република со 74-51.

Се вчитува...