Србите продолжуваат на 30 мај, Хрватите на 6 јуни, а Македонија…кога?

Фудбалот на Балканот се враќа на крајот на мај и првата седмица од јуни. Супер лигата на Србија ќе продолжи на 30 мај откако клубовите одлучија сезоната 2019/20 да биде завршена со доигрување на последните четири кола од регуларниот дел, без плејоф и плејаут. За ваков формат на натпреварување гласаа 11 прволигашки клубови кај северниот сосед.

Фудбалот се враќа и во Хрватска, на 6 јуни. Сепак, на 30 мај ќе се играат полуфиналните натпревари од Купот на Хрватска, седум дена подоцна продолжува и шампионатот. Во БиХ, донесен е став да нема спортски натпреварувања најмалку до 1 јули.

Се уште нема конкретен став кога би продолжила Првата фудалска лига на Македонија и во каков формат. Фудбалската федерација на Македонија официјално побара став од Министерството за здравство и владата, за да може да направи временска одредница за рестарт.

„Фудбалската федерација на Македонија упати официјално барање до Министерството за здравство и Кризниот штаб очекувајќи одговор кога би можеле да почнат фудбалските активности. Одговорот засега е дека следната седмица Комисијата за заразни болести ќе препорача пакет мерки кои ќе го вклучуваат и спортот. Потоа ФФМ секако ќе има средба со претставниците на клубовите за да се одреди терминот, а многу веројатно и форматот за натпреварување, како би можеле да ја заокружиме сезоната. Има уште 13 кола од првенството во Првата лига, а не очекува и завршница во Купот на Македонија. Но, има и многу други дилеми. Границите се затворени, кога, дали и како ќе се вратат странските фудбалери во државата, со оглед дека има клубови и со неколкумина странци во составите. Активни сме, прашуваме, ја следиме состојбата и го очекуваме конечниот одговор од владата“, вели за ЕКИПА, портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.

Сезоната во Македонија ќе мора да заврши до 20 јули, со оглед дека дел од екипите кои ќе изборат пласман на европска сцена, ќе мораат да го почнат настапот во претквалификациите од УЕФА натпреварувањата.

 

Се вчитува...