Србите се најуспешните странци во историјата на НБА Ол-стар мечот

Вистинското отворање на портите за странски кошаркари во НБА лигата почна некаде кон крајот на 80-те години од минатиот век. Преселбата на Дражен Петровиќ, Владе Дивац и Шарунас Марчуљонис во НБА беше во тоа време огромен чекор за остатакот од светот.

Но, денеска ситуација е сосема поразлична. Од 450 места во ростерите на 30 клуба, повеќе од 100 места пополнуваат играчи родени надвор од САД, што значи дека четвртина кошаркари се странци. Во историјата на НБА и Македонија е вбројана како земја која дала НБА играч во името на Перо Антиќ кој настапуваше за Атланта.

Сепак, едно е да се игра во НБА а друго е да се биде ѕвезда во неа. Поголемиот дел од оние 108 странци од 42 земји, колку ја започнаа оваа сезона, таму се или поради висината или поради талентот, а многумина од нив се само минувачи низ НБА. Малку од нив доаѓаат до повик на Ол-стар мечот.

Оваа година, сепак, од 24 кошаркари на Ол-стар мечот во Шарлот има дури пет странци, односно 21%.Меѓу нив и тројца дебитанти – Србинот Никола Јокиќ, Црногорецот Никола Вучевиќ и Австралиецот Бен Симонс. Втор Ол-стар меч ќе биде и за Камерунецот Џоел Ембид а трет за Гркот Јанис Антетокуомпо кој доби најголем број гласови на Истокот.

Интересно, со вметнувањето на Јокиќ на годинашниот Ол-стар меч, Србија стана земја со најмногу Ол-стар кошаркари, не сметајќи ја САД секако.

Пред него, Србија имаше уште два ол-стар кошаркари, Владе Дивац и Предраг Стојаковиќ, кои тогаш беа кошаркари на Сакраменто. Дивац единствениот настап го имаше во 2001 година, а потоа Стојаковиќ го замени во следните три изданија, во 2002, 2003 и 2004 година.

Се вчитува...