Сребро и бронза за македонските кикбоксери од Светското јуниорско првенство во Италија (ФОТО)

Македонската кикбокс репрезентација со две медали се враќа од ВАКО Светското кикбокс првенство за деца, кадети и јуниори што се одржува во Лидо Ди Јесоло, Италија.

Репрезентацијата составена од пет натпреварувачи: Јадранка Темелкова, Марија Димовска, Нелсон Узеир, Силвио Мировски и Панче Витанов, предводена од претседателот на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко и тренерот на репрезентацијата – Драган Атанасовски по серија победи и порази на нашите натпреварувачи, во борба со светската младинска кикбокс елита успеа да освои две медали – сребо од Нелсон Узеир во – KL -89 J M и бронза од Јадранка Темелкова во LK -56 YJ F.

На овој престижен светски кикбокс настан учествуваа 1909 натпревурачи во 2545 поединечни влезови од 63 држави од светот. Во склоп на првенството се одржа и Редовно годишно генерално собрание на ВАКО (Светската асоцијација на кикбокс организации) на која присуствуваше и нашиот претставник претседателот на КМФМ – Дејан Митровски – Урко.

На особена чест и задоволство на нашиот тим, финалните борби на нашата репрезентација во живо ги посети и генералниот конзул на Р.С.Македонија во Венеција, г-нот Стојан Витанов заедно со претставникот од МНР на РСМ, г-дин Драган Богдановски. Конзуларните претставници на нашата држава заедно со претседателот Митровски направија куса средба и со највисокиот врв на ВАКО федерацијата – претседателот на ВАКО г-дин Рој Бејкер и претседателот на Италијанската кикбокс федерација Федеркомбат г-дин Донато Милано.

„Генерално сум задоволен од успехот на нашата репрезентација, сепак ова е светско првенство и квалитетот на натпреварувачите е на највисоко ниво. Во финалето на нашиот натпреварувач Нелсон Узеир противникот му беше навистина силен и цврст борец, па така второто место му беше заслужено, но Јадранка Темелкова можеше да обезбеди повисок пласман доколу во третата рунда од натпреварот пласираше подобра и пожестока борба. Останатите тројца репрезентативци можеа да постигнат подобар успех бидејќи беа рамни на своите противници, но истите се дебитанти на светско првенство и како млади натпреварувачи им флеше искуство за да го одржат водството од првата и во следните рунди за да извојуваат победа. На следните првенства сигурен сум дека ќе прикажат подобри борби и ќе извојуваат секако поголем успех” – изјави претседателот Митровски.

Се вчитува...