Среќа ги спаси Албанците…Несторовски ја „промаши“ победата!

Само среќа ги спаси Албанците од пораз во Струмица. Македонската фудбалска репрезентација одигра 1-1 против западниот сосед во осмиот меч од квалификациите за СП 2018 во Русија. Голманот Етрит Бериша беше фантастичен и со неколку супер одбрани ги спаси Албанците од пораз.

Гостите први поведоа со голот на Осиде Роши во 53.минута, а израмни Александар Трајковски од пенал во 78.минута. Во финишот, Македонија имаше неколку колосални шанси за триумф, но, за жал, не успеавме да ги реализираме. Алиоски „бомбардираше“, Несторовски промашуваше, и само затоа Албанија си замина со еден освоен бод од Струмица. Претходно и капитенот Горан Пандев беше блиску до погодок, но Албанците спасија од самата гол – линија.

IMG_0460

Во петтата минута Македонија првпат посериозно се закани. Пандев го проигра Стефан Ристовски на десната страна, тој испрати центаршут во петерецот, а Несторовски за малку не стигна да ја зафати топката. Четири минути подоцна, Алиоски нафрли од левата страна, а Барди не беше доволно висок за да го загрози голот на Бериша.

По ова Несторовски шутираше од свртување, но над голот, а капитенот Горан Пандев во 23.минута убаво ги загреа дланките на албанскиот голман. Македонија беше поактивна, барајќи водство.

Следната минута, Енис Барди изведе еден од своите специјалитети, шутираше од слободен удар, а голманот на Албанија спаси со крајни маки.

Но, потоа Кире Ристевски направи голема грешка, Армандо Садику тргна сам во контранапад, а спаси Стефан Ристовски со енергична интервенција како последен играч во одбраната.

Во 30.минута, нова закана од Македонија. Алиоски изведе корнер од левата страна, Несторовски шутираше со глава од пеналтикот, но директно во противничкиот голман.

IMG_0593

На стартот на вториот дел, шок за македонскиот национален тим. Садику нафрли од левата страна, на вториот дирек се најде Одисе Роши и речиси од мртов агол со удар со глава го погоди спротивниот дирек, а потоа топката отседна во мрежата. Во 53.минута, Албанија поведе во Струмица.

Само малку подоцна, Армандо Садикубеше во одлична шанса, и за среќа не успеа да погоди од непосредна близина по центаршутот од левата страна.

Барди се обиде со удар од далечина во 69.минута, но само по средината на голот, и топката дојде директно во рацете на голманот Бериша. Но, во следниот напад, Македонија ја имаше најдобрата можност. Алиоски нафрли, Несторовски ја врати топката на вториот дирек, капитенот Горан Пандев шутираше со глава, а од самата гол – линија спаси Арлинд Ајети.

Во 76.минута, Езгјан Алиоски упати силен удар, но Бериша одлично одбрани, а истото го повтори и една минута подоцна. А по корнерот, Муслиу ја врати топката со глава, еден играч на Албанците играше со рака и судијата Јонас Ериксон покажа на белата точка.

Капитенот Горан Пандев му ја остави топката на Александар Трајковски, а тој беше успешен реализатор на пеналот. Македонија израмни во 78.минута.

IMG_0646

Веќе во следната акција, Алиоски одлично го проигра Несторовски, тој излезе сам пред голманот Бериша, но не успеа да реализира, а во продолжение од акцијата беше блокиран и Алиоски. Македонија пропушти огромна шанса за водство.

 И потоа уште една колосална…Алиоски упати „бомба“ од 20 метри, Бериша ја одби топката, налета Несторовски и од пет метри, неверојатно, но повторно го погоди голманот.

IMG_0198

МАКЕДОНИЈА – АЛБАНИЈА 1-1 (0-0)

Стадион „Младост“ во Струмица. Гледачи: 5.000. Судија: Јонас Ериксон (Шведска). Стрелци: Трајковски 78’ пен. (Македонија), Роши 53’ (Албанија). Ж. Картони: Ристевски, Муслиу (Македонија), Маврај, Кукели, Роши, Баша (Албанија).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Велковски, Муслиу, Ристевски (87’ Тричковски), Николов (58’ Трајковски), Спировски (87’ Радески), Барди, Алиоски, Пандев, Несторовски.

АЛБАНИЈА: Бериша, Хисај, Ајети, Маврај, Кукели (46’Баша), Лила, Роши, Аголи (73’ Мемола), Лулаку (46’ Мемушај),Хика, Садику.

Резултати: Македонија – Албанија 1-1, Италија – Израел 1-0, Лихтенштајн – Шпанија 0-8

Табела: Шпанија 22, Италија 19, Албанија 13, Израел 9, Македонија 7, Лихтенштајн 0.

Се вчитува...