Српска ракометна легенда: Помогнете ми! Ќе ги распродадам сите трофеи и медали!

ИФХ официјално ја прогласи за најдобра светска ракометарка на сите времиња. 58-годишната Светлана Китиќ има сребро од Олимписките игри во Москва 1980 година, и злато четири години подоцна од Лос Анѓелес со поранешна СФРЈ. На двата турнири беше прогласена за најдобра ракометарка.

Родената тузланка во 80-те години од минатиот век беше мегаѕвезда, заедно со Блаж Слишковиќ и најпознатата спортска двојка во поранешната држава, додека не се разделија по само неколку месеци брак.

Но, последниве години ракометната легенда западна во сериозни финансиски проблеми, а да ја спаси очигледно не може ниту спортската пензија која пред неколку години ја доби од Србија – некои 1.500 евра месечно.

И сега моли за помош. Не може да го исплаќа кредитот за станот, па стравува дека ќе и биде земен…

„Не барам никој нешто да ми прости или отпише. Барам само малку време, малку повеќе од оној рок кој ми го дадоа да пронајдам толку пари – околу 66.000 евра. Не сум магионичар. Тоа е прв кредит кој сум го земала во животот, а сега сум на црна листа. Не можам да земам друг кредит за да го отплатам долгот затоа што месечно примам 1.500 евра“ – вели Китиќ.

Светлана Китиќ е запишана и во Книгата на Гинисови рекорди затоа што пред девет години, на 49 години се реактивираше да помогне на поранешниот свој клуб Раднички. А пред тоа со 46 години во родната Тузла играше во истата екипа со ќерката Мара.

„Да ја прифатев понудата да настапувам во реалното шоу ‘Парови’ можеби на лесен начин сега ќе ги подмирев сите долгови. Ете на што се донесов – еден ден сум национално богатство, а следниот… Ако останам без стан, можеби повторно ќе се вратам во Тузла. Би ги продала и сите трофеи и медали само да се извлечам“ – вели Светлана Китиќ.

Се вчитува...