Срце шампионско – Федерер спаси седум меч-топки и го победи Сандгрен

Роџер Федерер со нов неверојатен пресврт успеа да мине уште една пречка на Австралија Опен, пласирајќи се во полуфиналето од првиот гранслем турнир во 2020 година. Неполни 48 часа по големиот камбек во последниот тајбрејк против Милман, швајцарскиот тениски великан одигра уште еден меч за паметење, спасувајќи дури седум меч топки на Теди Сандгрен за победа од 3-2 во сетови.

Тој го доби првиот сет, но потоа Сандгрен почна да доминира и направи пресврт (2-6, 2-6). Американскиот тенисер доминираше и во четвртиот сет, но не успеа да го зададе и конечниот удар. Федерер најпрвин спаси три меч-топки при негатива од 4-5, а најдоброто го сочува за тајбрејкот. Сандгрен имаше 3-6 и се чинеше дека фаворитот е на колена, но Швајцарецот спаси нови четири меч-топки и успеа да израмни на 2-2 во сетови.

Американецот беше исфрлен од ритам, па на средината од решавачкиот сет Федерер успеа да направи брејк, на крајот и да триумфира со 6-3. Швајцарецот за ривал во полуфиналето ќе го има подобриот од пресметката меѓу Новак Ѓоковиќ и Милош Раонич.

Ешли Барти обезбеди пласман во полуфиналето на женскиот дел од турнирот, триумфирајќи со 2-0 над Петра Квитова. Мечот беше неизвесен во првиот сет, но откако Барти го доби во тајбрејк со 8-6, потоа без многу мака го скрши отпорот на противничката во вториот сет (6-2), стигнувајќи до заслужена победа.

Нејзина следна противничка ќе биде Американката Кенин, кој триумфираше со 6-4, 6-4 во денешната пресметка со Жабер од Тунис.

Се вчитува...