Стајиќ: Швајцарците немаат шанси ако ние играме сериозно

Македонските кошаркари продолжуваат со подготовките за последниот меч од овој квалификациски циклус, гостувањето во Швајцарија. „Црвено-жолтите“ можат да си дозволат и пораз до 15 поени за да останат на врвот но никој не размислува за таква опција – целта е да се слави и на овој меч, па со перфетни четири победи без пораз да се влезе во следната квалификациска рунда.

„Подготовките течат одлично. Зад сите нас е една напорна сезона, но имавме време да се одмориме, регенерираме и мислам дека сме во добра физичка форма. Пред нас е дуелот со Швајцарија, добро знаеме дека квалитетот е на наша страна, но и свесни сме дека тоа мораме да го потврдиме на теренот. Со наш сериозен пристап, Швајцарците немаат никакви шанси“ – изјавува плејмејкерот Бобан Стајиќ.

Македонскиот состав се соочи со проблеми поради повреди на неклку стандардни првотимци, но Стајиќ верува дека тоа нема да се одрази врз конечниот исход на мечот, што ќе се игра в четврток.

„Се соочивме со мали проблеми, ќе недостигаат искусните Николовски и Соколов, како и Маслинко, кој покажа дека може да игра на високо ниво. Ќе ги нема и Младеновски и Хендрикс, но верувам дека оние кои ќе настапат ќе ја пополнат празнината во битката под обрачите. Новиот Американецот Шејн Витингтон ќе биде од голема помош, има одлична центарска техника, но и прецизен шут од надворешните позиции. Доволно сме покриени на секоја позиција, така што со право верувам во успех на претстојниот меч“ – оптимист е Стајиќ.

Се вчитува...