Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година, од 17. до 26. март ќе реализира подготовки во Анталија, Турција, низ кои ќе бидат одиграни и два пријателски натпревари, најпрво на 21 март (14 часот) против соодветната селекција на Белорусија, додека вториот дуел против Азербејџан е закажан за 25 март (18 часот).
За новиот македонски селектор Горан Станиќ тоа ќе биде прва репрезентативна активност низ креацијата на новиот тим за квалификацискиот циклус за ЕП кој стартува од септември оваа година. Станиќ за подготовките во Анталија повика комплетно нов состав на надежи до 21 година.
„Ќе го искористиме првиот наш заеднички собир за да ги запознаеме добро фудбалерите со методите на работа, како и тоа што ќе се бара од нив, како на тренинзите, така и на самите натпревари. Повикани се фудбалери од нашето првенство кои имаат најголема минутажа во своите клубови. Имаме повикани и неколку играчи од странство за кои сметаме дека може да го подигнат квалитетот на нашата репрезентација. Одредени фудбалери кои не се повикани на овој собир, а се потенцијални репрезентативни кандидати, ќе добијат можност на следниот собир кон крајот на мај“ – вели Станиќ и дополнува:
„Очекувам дека идеите што ги имаме ние како стручен штаб ќе успеат самите фудбалери брзо да ги разберат и ефикасно да ги спроведат на теренот. Ке се потрудиме максимално подготвено да ги дочекаме квалификациите за пласман на ЕП кој ќе стартуваат во септември. Во рамки на овие подготовки ќе одиграме два натпревари против Белорусија и Азербејџан. На двата меча фокусот ќе биде ставен на нашата игра. Се надевам дека сите тактички замисли што ќе ги работиме во текот на подготовките да бидат спроведени на теренот“.
Квалификациите за пласман на ЕП 2027 година во Албанија и Србија ги започнуваме на почетокот на септември. Во првото коло играме против Полска на гости. Во второто коло, на домашен терен ја пречекуваме силната репрезентација на Италија.
Собирот на репрезентацијата на Македонија до 21 година, ќе биде на 16. март, во хотел Парк, Скопје, во 18 и 30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА