Станковски: Пролетната премиера треба да е многу подобра од ‘генералката’

Работнички на почетокот на пролетниот дел од сезоната, в среда со почеток во 14 часот, ќе ја пречека Ренова на домашен терен, а шефот на стручниот штаб Горан Станковски очекува тимот да се претстави во многу подобро издание отколку на ‘генералката’ против второлигашот Беласица, која заврши без голови. „Романтичарите“ одработија подготовки во Анталија каде имаа квалитетни тестови, но пролетната премиера е сепак нешто сосема поинаку.

„Се ближи почетокот на пролетниот дел од првенството, остануваат уште неколку тренинзи на кои ќе финишираме со корегирање на некои грешки кои се појавија на последниот пријателски натпревар со Беласица. Искрено, очекувам многу подобро издание на пролетната премиера од играта што ја прикажавме на ‘генералката’ против Беласица. Им го кажав тоа и на фудбалерите и очекувам вистинска реакција на дуелот против Ренова. По зимските подготовки, тоа всушност и ќе биде првата вистинска проверка на можностите, затоа што бодовите се навистина важни“, изјави тренерот Горан Станковски за официјалниот сајт на клубот.

Се вчитува...