Станојковиќ открива како Зечевиќ и Партизан му уништија готов трансфер во Кристал Палас, како пропадна и трансферот во Реал Мадрид (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостува едно од најголемите македонски фудбалски имиња во историјата, Вујадин Станојковиќ, еден од само тројцата Македонци кои во историјата настапиле на светско првенство.

Низ повеќе од возбудливиот, интересен разговор за „ПРЕСИНГ“, Станојковиќ меѓу другото открива и како во најдобрите негови денови кога беше на врвот од неговата кариера во Партизан, пред и по настапот на Светското првенство 1990 во Италија, му пропаднаа неколку извонредни веќе готово договорени трансфери во Кристал Палас, Лидс, но и големиот Реал Мадрид.

За пропаднатиот трансфер во англискиот премиерлигаш Кристал Палас, каде Станојковиќ веќе се приклучил на тимот со десетдневни тренинзи, виновен е единствено тогашниот генерален секретар на Партизан, Жарко Зечевиќ кој во последен момент ја променил веќе договорената отштетна сума.

„Ми пропадна Кристал Палас, ми пропадна Лидс, ми пропадна Реал Мадрид, и навистина ми беше и тогаш многу криво за сите тие пропаднати трансфери а кои веќе беа готово договорени“ – открива Станојковиќ во „ПРЕСИНГ“ и дополнува:

„Трансферот во Кристал Палас веќе беше договорен и Партизан требаше да добие седумстотини илјади марки во тоа време, со плус неделна плата, итн… И јас викам готово, завршено. Десет дена си тренирам со Кристал Палас нормално, со феноменални услови, хотел, такси ме зема, ме вози, играм пријателски натпревари за Англичаните. Се е готово и сега оди Зечевиќ после петтиот ден таму, или шестиот не знам кој, да потпише договор. Технички работи. Тој ги понесе таму и печатите и брисовници и сите, сите документи. Десет дена пред тоа веќе се беше договорено со газдата на Кристал Палас. Ние отидовме само да потпишеме. Меѓутоа, кога требаше да оди, тоа само да се додоговори, јас си останав во хотел. Викам што ќе одам, технички работи, ништо друго… Ќе одам, си викам, утре само на потпис на договорот. И, потоа се враќа во хотелот и ми вика мора да се вратиме за Белград да чекаме работна дозвола, десетина дена. Ајде работна дозвола. Десет дена поминаа, две недели, три недели, месец дена. Никому ништо, пропадна трансферот. И после слушам дека барал повеќе на тој состанок во Лондон, барал милион марки на тој состанок. И нормално Кристал Палас од принцип не сакале да слушнат, затоа што веќе се претходно било договорено. Така беше и со Лидс исто. Зечевиќ на кого само парите му беа во преден план, не почитувајќи никако договор. Надвор од памет“.

А со Реал Мадрид?

„Со Реал Мадрид беше пред мечот од осминафиналето против Шпанија на Светското првенство во Италија. Јас во соба со Спасиќ горе цимери во хотел, Лала економ доаѓа и ме вика: „Станојко, те вика дели, Чича долу. Миљан Миљаниќ“. Јас одам доле. И Миљаниќ седи со две лица. Миљаниќ ми вика: „Седи, седи Македонец. Ова е Ди Стефано, ова е Хуанито“. Почна Миљаниќ, заинтересирани се за тебе, сакаат по крај на светското да се договорите за трансфер. Јас му велам, прво чест и задоволство ми е што ги запознав, што седам со нив, а камоли за интересот кој го покажаа за мене. И кога дојде потоа во Белград да се договориме, во Реал Мадрид замина Предраг Спасиќ. Тоа е. Кратко и јасно сега да не навлегувам многу уште во некои други работи потоа“ – вели Станојковиќ.

ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВУЈАДИН СТАНОЈКОВИЌ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК

Се вчитува...