Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостува едно од најголемите македонски фудбалски имиња во историјата, Вујадин Станојковиќ, еден од само тројцата Македонци кои во историјата настапиле на светско првенство.
Низ повеќе од возбудливиот, интересен разговор за „ПРЕСИНГ“, Станојковиќ се потсетува и на неговите почетоци во фудбалот и кога го доживеал пресвртот во кариерата. Кога тогашниот тренер на Вардар, Андон Дончевски одлучил во сезоната 1986/87, кога и црвено-црните доаѓаат до титулата во Југославија, да му ја промени позицијата од центарфор во десен бек.
Станојковиќ од Куманово пристигнал како центарфор, но на таа позиција Вардар го имаше Дарко Панчев… Па, следи промена…
Токму и преку тој свој пример, популарниот Вујо испраќа силна мотивација за сите млади фудбалери дека треба да веруваат во себе и во своите соништа, нагласувајќи онака скромно дека тој „дете од село, за само три години од македонска лига во Куманово дошол до дресот на Југославија, и настап на Олимписки игри во 1988 година и на Светско првенство во 1990 година“.
„Тогаш беше чест и задоволство да се игра најпрво за екипа, да бидете во Прва лига. А, камоли за репрезентација. Па тоа беше сон… А, кој размислувал за репрезентација? Јас од село доаѓам да играм за репрезентација. Дајте ве молам… Значи јас доаѓам 1984-1985 година во Куманово, една година играм. Па, 1985 година во Вардар доаѓам и 1988 година веќе во март дебитирам за репрезентација. Тоа се само три и пол години, деби за репрезентација на Југославија. Фактички од македонска лига, кога играв во Куманово во тогашната регионална македонска лига, јас дојдов да играм за репрезентација на Југославија“ – вели Вујо и дополнува:
„Јас веќе како играч на Вардар имав 11 репрезентативни настапи за Југославија, осум за А репрезентација и три за олимписка селекција. Во историјата на македонскиот фудбал од Вардар таков играч немало. Но, тука е најзаслужен чичко Дончо кој ме врати на десен бек, од центарфор. Таа сезона првата година кога дојдов во Вардар, играј не играј, повеќе не играш. Па, во сезоната 1986/87 кога станавме шампиони на Југославија со таа наша златна генерација, тој ме врати назад на десен бек и тука почна таа моја успешна кариера“.
Сега се отвора едно прашање? Кој е подобар? Вујадин Станојковиќ на шпиц или Дарко Панчев на бек?
„Каков Дарко Панчев на бек? Каков Дарко? Даре не го чепкај, само да си биде напред и да дава голови, има нос добар, има чувство за гол. Шут, дуел игра, скок игра. Каков бек ајде, кај тој ќе трчи како мене, тоа нема шанси. Ама јас не можам како него да го чувствувам тој простор за гол….“ – низ смеа коментира Станојковиќ.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВУЈАДИН СТАНОЈКОВИЌ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
