Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостува едно од најголемите македонски фудбалски имиња во историјата, Вујадин Станојковиќ, еден од само тројцата Македонци кои во историјата настапиле на светско првенство.
Низ повеќе од возбудливиот, интересен разговор за „ПРЕСИНГ“, Станојковиќ меѓу другото се осврна и на онаа славна негова вардарова генерација од 1987 година со која стигна до шампионската титула на Југославија, единствен пат во историјата на Вардар.
Но, и максимално емотивно за актуелниот изглед на денешниот Вардар кој е далеку од Европа, ова лето не успевајќи да мине ниту едно елиминациско коло.
„Многу голема работа, прво за клубот а потоа и за градот и за државата беше таа титула од 1987 година. Затоа што Вардар претходно секогаш бил влези-испадни во Првата лига на Југославија. Мислам дека 1987 дојде една кулминација, пак ќе кажам, кулминација на работа, на селекција, една екипа која не само што е функционална, туку и резултатски многу добра. Ние не само што бевме први. Ние имавме тим. Па не викаат залудно златна генерација во историја на македонскиот фудбал, односно на Вардар. Значи тоа се и индивидуалци и карактери и тимски луѓе и луѓе семејни и луѓе кои имаат некоја хемија, функционалност, атмосфера“ – вели Станојковиќ.
А, како го гледаш сега овој нов Вардар, којшто по долго време минатата сезона ја освои титулата? Гледаме дека далеку сме од некоја Европа, елиминација од просечен клуб како Купс од Финска, па потоа елиминација и од еден летонски клуб… Некако – „многу пари, малку музика“!?
„Прашањето го поставивте и одговоривте. Сам си одговори. Што да додадам?“ – вели Станојковиќ.
Некои викаат дека срамота било што народот не доаѓал на трибини да го бодри Вардар… Но, очигледно не е и само до народот, не е баш дека народот не сака фудбал… Има некој подлабок проблем…
„Да, нешто очигледно не штима… Но, што е работата сега не знам, не сум толку упатен. Добро е што Вардар еве конечно после толку години се врати назад и освои титула и едноставно тука ќе завршам. Се гледаме какви сме и каква моќ фудбалски имаме. Самите резултати во Европа говорат. За понатака не сакам да зборувам. Оставете, ве молам…, да не навлегуваме“ – емотивно истакнува Вујадин Станојковиќ, членот на златната вардарова генерација од 1987 година.
ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВУЈАДИН СТАНОЈКОВИЌ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
