Статистичка израмнетост со Ерменците: Во десет меѓусебни меча по четири победи и две ремија

Македонија вечерва од 20:45 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје ја очекува четвртиот натпревар во квалификациите за СП 2022, против лидерот во досегашниот тек од квалификациите Ерменија која е на првото место со три победи од исто толку натпревари.

Националниот тим досега во историјата има десет одиграни натпревари со Ерменија од кои дури четири во последните две години во двата циклуси од Лигата на нации.

Согласно статистиката максимална израмнетост владее меѓу двете репрезентации. Од десет меѓусебни натпревари и Македонија и Ерменија имаа по четири победи, а два дуели завршиле без победник.

Во последниот меч кој минатата година се одигра на Кипар, Македонија загуби со 1-0 и на тој начин ја загуби можност да обезбеди место во Лигата Б од УЕФА Лигата на нации. Последниот дуел во Скопје, пак, беше на 5. септември минатата година кога Македонија триумфираше со 2-1 со головите од пенал на Алиоски и Несторовски.

На домашен терен Македонија во пет меча досега има три победи против Ерменците, едно реми и еден пораз. Вкупната гол-разлика е 15-17 во корист на Ерменија која најубедливата победа ја запиша на 16. октомври 2018 година кога во Ереван славеше со убедливи 4-0.

Се вчитува...