СТАТИСТИКА ЛН: Македонија една од подобрите по бројот на напади, Серафимов еден од најуспешните додавачи

Сега кога завршија натпреварите од групната фаза во Лигата на Нации, УЕФА се занимава со статистика како на тимски, така и на индивидуален план. Македонија е во првите три во две категории: по бројот на напади, а Никола Серафимов е втор по број на успешни додавања.

Македонија во шесте меча во Лигата на Нации имала вкупно 264 напади, и се најде на третото место, и во оваа категорија е пред големите селекции. Грузија е прва со 292.

Македонија е меѓу оние селекции кои испратиле најмногу шутеви и во таа категорија е на седмата позиција. Македонија имала вкупно 92 обиди, од кои 29 биле во рамките на голот, 28 надвор од рамките, додека 25 биле блокирани. Во индивидуална конкуренција, Барди имал 19 удари кон противничкиот гол, што го смести на осмата позиција по број на најмногу шутеви.

Никола Серафимов има 98% успешност при додавањата во трите натпревари одиграни во Лигата на Нации. Во овој сегмент го дели второто место со Ерик Гарсија. Голманот на Украина, Пјатов со само еден натпревар е на првото место со 100% додавања, односно 24 од 24. Македонија има 83% успешност при додавањата што ја сместува на 20. место. Шпанија во овој сегмент е неприкосновена со нешто повеќе од 90%.

Висар Муслиу е нашиот најдобар освојувач на топки или вкупно 41, што го носи на осмото место. Столе Димитриевски има седум одбрани, и во таа категорија е на 51. позиција.

Се вчитува...