Ставена точка на Првата лига без прогласен шампион – Вардар остана на досегашните 11 трофеи!

Имајќи ја во предвид целокупната епидемиолошка ситуација во земјата и фактот дека бројот на новозаболени од Ковид-19 секојдневно се зголемува Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Комисијата за натпреварување за прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во Прва МФЛ и натпреварувањето во Купот на Македонија.

Со тоа е ставена точка на сезоната во Првата лига без прогласување шампион, како што велат од ФФМ затоа што сезоната беше прекината со недоволен број одиграни првенствени кола.

„Нема да се прогласи шампион во Првата македонска фудбалска лига затоа што нема одиграно доволен број натпревари согласно пропозициите на УЕФА за признавање на едно првенство, а тоа најмалку 24 кола. Процесот на лиценцирање се уште е во тек, а потоа ќе бидат одредени екипи кои ќе не претставуваат во европските натпреварувања следната сезона“ – информираа од Фудбалската федерација на Македонија.

По оваа одлука за првпат по осамостојувањето македонскиот фудбал ќе биде без шампион. ФК Вардар остана без можноста да стигне до својот 12-ти трофеј во историјата, останувајќи на претходните 10 од независна Македонија и единствениот во рамките на поранешната југословенска лига во 1987 година.

Од Фудбалската федерација на Македонија информираат, дека по извештајот од Комисијата за лиценцирање, во текот на следната недела ќе бидат одредени екипите кои ќе играат во европските клупски натпреварувања следната сезона.

Се вчитува...