Стефан Ристовски: За Португалија ме врзуваат прекрасни моменти, тука е роден и мојот син, но утре на терен ќе постои само Македонија!

ЕКИПА во Порто, Португалија

Владимир Булатовиќ

Капитенот на националниот тим Стефан Ристовски е, на некој начин, дома за време на престојот во Португалија ако се знае дека остави силна трага во португалскиот фудбал со настапите за Спортинг Лисабон.

Пред португалските медиуми, Ристовски нагласи дека горд како предводник на овој тим кој е подготвен за силна борба утре за пласман на Мундијалот во Катар.

„Ова за нас е еден од најважните натпревари во историјата. Можеби светот не веруваше дека вечерва ќе бидеме на оваа прес-конференција, но тоа апсолутно не е случајно. Оваа наша репрезентација има нешто кое можеби другите воопшто го немаат, се чувствувам горд што сум капитен на овој национален тим и може само да кажам дека сме максимално подготвени за ова големо финале“ – истакна Ристовски, веднаш дополнувајќи:

„Искрено, не очекував дека ќе дојде момент кога токму со Португалија, земја каде минав прекрасни моменти додека играв во Спортинг Лисабон, ќе одлучуваме за место на Светско првенство. Мене ме врзуваат преубави моменти со Португалија, тука е и мојот син роден, тука се и голем број мои пријатели и меѓу репрезентативците на Португалија, но утре на терен се заборава пријателството и ќе биде максимална активноста од двете страни да се дојде до успех. Утре за мене на терен ќе постои само националниот дрес, Македонија и желбата да се пласираме на СП во Катар“.

Македонскиот капитен издвои повторно дека сите треба да бидеме свесени дека во моментов сме дел од светското друштво, кое не беше далечно пред само седум-осум години.

„Пред седум-осум години Македонија беше далеку од ова европско друштво, во некоја изолирана ситуација, но еве сме сега тука на портите на Светското првенство во Катар. Што и да се случи утре, нема да застанеме тука но ова ќе ни биде голем поттик за сите идни чекори напред. Можеби немаме услови за работа, но талент се гледа дека имаме и дека тој ќе не води со уште поголем мотив понатака за нови успеси“ – вели Ристовски.

Се вчитува...