Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, повторно тема е ракометот, наши гости се претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов и легендата на овој спорт во Македонија, Филип Миркуловски.
Првиот човек на федерацијата, меѓу бројните теми, се осврна и на генералните очекувања околу идната насока на движење на македонскиот ракомет, потенцирајќи ја својата силна верба дека Македонија, како ракометна земја, ќе има во иднина уште многу успешни приказни, а најболниот момент на транзицијата на генерациите околу сениорската селекција е поминат.
„Во репрезентацијата имаме играчи кои допрва треба да го покажат најдоброто од себе. И играчи кои што се во зенитот на кариерата и моментално го играат својот најдобар ракомет, и во репрезентацијата и во матичните клубови. Околу 90% од репрезентацијата доаѓа од домашното првенство, кое што моментално е едно од најдобрите во Европа, би кажал, не на Балканот, затоа што дефинитивно е најјако на Балканот, меѓутоа да кажеме во Топ 6 сигурно во Европа“ – истакна Стефанов притоа дополнувајќи:
„Ако направиме и една ретроспектива на последните неколку циклуси, ако ги погледнеме последните три европски првенства, ова последно првенство имаме најдобар резултат, што значи континуитет. Така што мислам дека оваа репрезентација веќе го помина тој период на пренос на генерации, кој навистина беше за нас болен. Значи, тука се пензионираа едни легенди како што е Жути, Кире селекторот, Столе, Ванчо Димовски, Наумче Мојсоски… Буквално се направи една нова селекција на играчи кои што мислам дека во годиниве кои што претстојат, навистина треба да го дадат максимумот“.
Стефанов нагласува дека и во иднина ќе имаме успешни приказни…
„Македонија е ракометна земја. Ние цело време говориме дека ракометот ни е спорт број еден. Имаме континуитет на сите европски и светски првенства, имаме силно првенство, имаме добри младински селекции исто така, коишто во континуитет се натпреваруваат на сите европски и светски првенства. Така што мислам дека ќе имаме и во иднина успешни приказни со ракометот, генерално!“ – вели првиот човек на македонскиот ракомет.
======================================================
ЗАСЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ
==================================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО АЛЕКСАНДАР СТЕФАНОВ И СО ФИЛИП МИРКУЛОВСКИ МОЖЕ ДА ГО ГЛЕДАТЕ ТУКА….
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
