Стигна и Теодор: Мекејлеб ми е „поголем брат“, ми кажа се за Македонија

Џордан Теодор е кошаркарот што ќе ги брани боите на Македонија во претстојниот циклус на претквалификации за СП 2019. Американскиот бек утрово пристигна во Македонија и се упати кон Маврово, каде попладнево ќе го одржи првиот тренинг со остатокот од репрезентацијата. Членот на Банвит истакна дека во изминатиот период бил во контакт со Лестер Бо Мекејлеб, од кого слушнал се најдобро за нашата земја и приврзаноста кон кошарката.

Навистина сум возбуден бидејќи ова е ново искуство за мене. Првпат добивам шанса да настапувам во национален тим и морам да признаам дека ги одбројував деновите до приостигнувањето овде и до приклучувањето кон тимот. Не знам многу за моите соиграчи, но имаме доволно време да се запознаеме. Мојот ’поголем брат’ Лестер Бо Мекејлеб ми беше огромна поддршка во последниот период, ми пренесе голем дел од искуството со македонската репрезентација. Знам дека играчите се прилично млади, го познавам само Перо Антиќ против кого сум играл во турското првенство. Отприлика го познавам менталитетот на играчите. По завршувањето на сезоната, која беше доста напорна и со збиен распоред, заминав на мал одмор, се видов со мојата фамилија и ги ’наполнив’ батериите за тоа што ни следи. За противниците за претквалификациите, знам дека ќе имаме и подготвителни натпревари со кои се надевам дека ќе влеземе во форма и дека ќе бидеме воиграни. Не смееме никого да потцениме на овие натпревари бидејќи се значајни за нас и за тоа што би следело понатаму. Сега ќе се обидам што побрзо да се аклиматизирам, да се ’поврзам’ со тимот и да продолжиме да напредуваме заедно. Верувам дека селекторот има план за сите нас, нам ни преостанува да дадеме сè од себе и да видиме кој каква улога ќе има на теренот. Нема да биде лесно, но знаете Рим не е изграден за еден ден“ – истакна Џордан Теодор пред заминувањето за Маврово.

По подготовките во Маврово, сениорите ќе се вратат накратко в Скопје, а потоа ќе заминат за Словачка против која ќе одиграат пријателски двомеч. На 15. јули ни гостува селекцијата на Бугарија, а неколку дена подоцна (20. до 22. јули) ќе се одржи турнирот „Трофеј Македонија“. Потоа следи гостување во Бугарија како последен пријателски натпревар пред натпреварите од претквалификациите за СП 2019.

Се вчитува...