Стив Неш – нов тренер на Бруклин

Стив Неш е нов тренер на Бруклин нетс, откако прославениот плејмејкер го прифати предизвикот да го предводи овој тим, кој во своите редови ги има Кевин Дурант и Кајри Ирвинг. Челниците на Бруклин му врачија отказ на тренерот Вон по „метлата“ од 0-4 во плејоф-серијата против Торонто, како опција беа споменувани неколку поискусни кандидати, но на крајот изборот падна врз Неш.

„Се сретнавме со неколку врвни тренерски кандидати, но го избравме Неш бидејќи станува збор за роден лидер, извонреден ментор за нашите играчи. Тој знае како да го извлече максимумот од тимот и несебично останува во заден план, бидејќи колективниот успех секогаш е приоритет за Неш“, изјави генералниот менаџер на Бруклин, Шон Маркс.

Канадскиот ас во претходните години одби неколку понуди да почне со тренерски ангажман, пред денеска да го прифати предизвикот да го предводи амбициозниот проект на Бруклин. Неш во претходните пет сезони работеше како консултант за развој на играчите во Голден Стејт, период во кој „воините“ стигнаа две титули во НБА-лигата.

Стив Неш имаше извонредна играчка кариера во НБА, каде мина вкупно 18 сезони како член на Феникс, Далас и на ЛА Лејкерс. Тој беше избиран за МВП на сезоната во 2005 и во 2006 година, а пет сезони беше најдобар асистент во лигата.

Се вчитува...