Стивен Џерард со тренерско деби токму против Шкупи

Стивен Џерард своето официјално тренерско деби во сениорскиот фудбал ќе го има токму против македонскиот претставник Шкупи, во квалификациите за Лигата на Европа. Легендата на Ливерпул по завршувањето на играчката кариера беше дел од младинската академија на овој клуб, за на крајот од минатата сезона да ја прифати понудата за седнување на клупата на Глазгов ренџерс, поранешниот шкотски фудбалски џин кој во последните години е далеку зад вечниот ривал Селтик. Со оглед на фактот дека сезоната во Шкотска почнува нешто подоцна, Џерард своето тренерско деби ќе го има на дуелот со Шкупи, закажан за 12 јули во Глазгов.

Џерард не беше дел од тимот на Ливерпул кој настапи против Работнички пред неколку сезони во квалификациите за Лигата на Европа, но англиската фудбалска легенда сега во улога на тренер ќе има ривал од нашата земја во европските натпреварувања.

Глазгов ренџерс ја заврши ланската сезона во шкотската Премиер-лига на второто место со 62 бода, исто колку и третопласираниот Абердин, со 13 бода заостанување зад шампионот Селтик. На почетокот од летово Џерард доведе две засилувања во Глазгов, дефанзивецот Никола Катиќ од Славен Белупо и Конор Голдсон од Брајтон.

Само за потсетување, Глазгов ренџерс минатата сезона беше елиминиран во првата квалификациска рунда за Лигата на Европа, и тоа од тоталниот аутсајдер Прогрес од Луксембург. Ренџерси славеа на домашен терен со 1-0, но потоа беа поразени на реваншот во Луксембург со 2-0.

Се вчитува...