Сто дена до ЕВРО 2021: „Фалангата“ е спакувана, се чека само дестинацијата

Од денеска почнува одбројувањето на последните 100 дена до почетокот на ЕВРО 2021, првиот фудбалски европски шампионат чиј дел ќе биде и селекцијата на Македонија. Патот беше изоден преку Лигата на Нации, во која „црвено-жолтите“ беа најдобри во Д групите, испишувајќи историски прв пласман на едно големо фудбалско натпреварување на сениорско ниво.

Навивачката еуфорија владее уште од оној историски триумф во Тбилиси над Грузија, кога Пандев ја смести топката во мрежата на противникот и широко ја отвори вратата кон ЕВРО 2021, каде однапред се знаеше дека ќе бидеме сместени во групата Д, заедно со репрезентациите на Холандија, Австрија и на Украина.

„Фалангата“ е подготвена и максимално мотивирана да ги бодри своите пулени и на едно фудбалско европско првенство, но коронавирусот не дозволува однапред да се кројат планови за патувањето. Актуелни се два проблеми – дали и во колкава мера ќе биде дозволено присуство на навивачи на трибините (се шпекулира со капацитет од максимум 30% од стадионите) и дали ќе остане првичниот план шампионатот да се игра во 12 различни држави.

Според актуелниот распоред, Македонија ќе го игра првиот меч на 13 јуни, против Австрија во Букурешт, а во романскиот главен град нашите фудбалери ќе останат и за вториот меч со Украина закажан за 17 јуни. Потоа би следела преселба во Амстердам, каде на 21 јуни ќе излезат на мегдан со големиот фаворит Холандија.

Како „план Б“ се споменува преселба на целиот шампионат во Англија, опција што сигурно не и оди во прилог на „фалангата“, поради строгите критериуми и дополнителните трошоци што ги носи визниот режим за патување во „обединетото кралство“.

Без оглед на тоа која опција ќе биде избрана, нема сомнеж дека значителен број на Македонци ќе отпатуваат на ЕВРО 2021 за да им дадат поддршка на Пандев, Барди, Елмас и останатите во обидот да не се задоволат само со учество туку и да се израдуваат на првата европска победа на големите натпреварувања.

Се вчитува...