Стоилов: Да не подлегнеме на провокациите на Кјелце

Ракометарите на Вардар се максимално мотивирани да се вратат на победнички патеки во Лигата на шампионите. По двата порази од Барселона и ремито со Брест Мешков, „вардарци“ в сабота ќе го пречекаат Кјелце, ривал што им е добро познат од претходните сезони. „Црвено-црните“ се свесни за силата на противникот, предводен од двајца поранешни „вардарци“, Лука Циндриќ и Алекс Душебајев, но и за провокациите од клупата што редовно ги прави тренерот Талан Душебајев.

„Ова е меч што најверојатно ќе биде решавачки за второто место, против тежок ривал со одлични играчи. Кјелце е екипа што особено сакаме да ја победиме и ќе биде одлично ако го сториме тоа, за нас и за целокупната јавност. Нема да биде лесно, очекувам провокации. Тоа е нивниот стил, провоцираат, особено нивниот тренер, но се надевам дека нема да подлегнеме на нив. Наше е да излеземе на терен и да победиме“ – изјави капитенот Стојанче Стоилов.

Според тренерот Роберто Парондо, најважно од се е да нема преголеми осцилации во играта на македонскиот првак.

„Го знаеме квалитетот на Кјелце, брз ракомет во нападот и цврста одбрана. Ние се подготвуваме добро бидејќи сакаме со победа да ја завршиме годината на второто место. Најважно ќе биде да одиграме 60 минути на врвно ниво, да немаме осцилации“ – истакна шефот на стручниот штаб на Вардар.

 

Се вчитува...