Стоилов го пропушта стартот на сезоната поради скршеница на дланката

Ракометниот првак Вардар во наредниот период ќе биде без капитенот Стојанче Стоилов кој заработи скршеница на десната дланка. На мечот со ПСЖ на турнирот во Стразбур, македонскиот репрезентативец во дуел со Лука Карабатиќ ја повредил дланката поради што остана на клупата и не настапи во второто полувреме.

Првичните лекарски наоди покажале дека се работи за скршеница, а подетални наоди ќе има по враќањето во Скопје. Сигурно е дека оваа повреда ќе го оддалечи Стоилов неколку седмици надвор од ракометните терени. Тоа значи дека ќе го пропушти стартот на сезоната.

Вардар одигра нерешено 33-33 против ПСЖ, иако на оваа средбата беше без Игор Карачиќ и Вуко Борозан, а во второто полувреме и без Стоилов.

Денеска од 18,15 часот го игра вториот дуел на турнирот против Мешков Брест.

Се вчитува...