Стоилов: Ние сме европски шампиони и така треба да се однесуваме

Вардар во недела го пречекува ПИК Сегед во првиот од двата последни натпревари на домашен терен од групната фаза во Лигата на шампионите. По поразот од Барселона во претходното коло кој за вардарци беше прв сезонава во сите натпреварувања, „црвено-црните“ се максимално фокусирани на претстојниот дуел со намера одново да се вратат во победнички ритам и да го сочуваат првото место на табелата во групата А.

„Поразот од Барселона не се одрази психолошки на нашата игра, бидејќи зад себе имаме одлична сезона. Се надевам на добра игра и на победа за која клучна ќе биде цврста игра во одбраната и лесни голови“ – вели капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов.

Со оглед на квалитетот и играта на унгарскиот тим кој од клупата го предводи искусниот шпански тренер Хуан Пастор, вардарци ќе имаат тешка задача, но и силна мотивација да стигнат до посакуваната  цел и да ги освојат бодовите. Првиот натпревар во Унгарија заврши без победник (26-26) што е уште еден показател за квалитетот на ПИК Сегед.

„ПИК Сегед е тим кој добро го знаеме, но и туе не познаваат исто така многу добро. Тоа е тим кој многу го почитуваме и очекувам уште еден тежок натпревар. На првиот меч таму одигравме нерешено, очекувам ист таков тежок дуел и сега. Но, ние сме европски шампиони, така треба и да се однесуваме. И играме на домашен терен“  – истакнува Стоилов.

Натпреварот Вардар- ПИК Сегед ќе се одигра в недела со почеток во 17 часот, во СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...