Стојановска: Трофејот во Суперкупот ќе ни биде мотив повеќе за долгата сезона

Дебито на Жаклина Стојановска на клупата на Баскет Кам донесе титула во Суперкупот „Драган Василов – Цевка“ каде тимот од Македонска Каменица ја потврди фаворитската улога против МЗТ Скопје и лесно стигна до првиот посакуван трофеј во сезоната.

Стојановска не го криеше задоволството од успехот за кој вели дека треба да биде дополнителен мотив за долгата сезона во која Баскет Кам ја очекува настап и на меѓународната сезона, но и борба за останатите два трофеи на домашно тло.

„Не очекував дека толку лесно ќе тече натпреварот. Меѓутоа, во ред, бевме поспремни од екипата на МЗТ Скопје. Имаме и поискусни играчи во своите редови. И да, убаво е на почетокот на сезоната да се освои една ваква титула. Но веќе од понеделник, и ние и екипата на МЗТ Скопје продолжуваме со тренажниот процес. Малку прославивме, но продолжуваме понатаму, да ја унапредиме нашата игра. Да бидеме подобри во однос на досега сработеното.

Извесно е дека овие 40. минути од Суперкупот, не се показател околу тоа како ќе тече сезоната. Сепак, ова е само почеток. Меѓутоа, добро е што победивме, за дополнително да се мотивираме, и да дадеме повеќе, да се залагаме на тренинзите. Секако, ова е некоја лична сатисфакција на играчите, се подразбира, и на клубот. Ние секако дека ќе продолжиме со напорна работа, бидејќи не само во домашниот дел, каде што ќе атакуваме на шампионската титула и онаа во Купот, ќе се натпреваруваме и на меѓународно ниво“, изјави Стојановска.

Се вчитува...