Стратев: Регионалната лига за млади е од огромно значење за клубовите

На конструктивен состанок со клубовите од Првата лига во „Куќа на фудбалот“, координаторот на младинските категории во ФФМ Зоран Стратев ја претстави идејата за формирање регионално натпреварување за млади категории во кое би биле вклучени младински екипи од Македонија, БиХ, Црна Гора, Унгарија, Словенија, Србија и Хрватска.

По првичните разговори во Загреб со претставниците на асоцијациите вклучени во проектот во регионалната младинска лига би се натпреварувале генерациите 2002 година (тимови до 16 години) и 2004 година (екипи до 14 години), а натпреварувањето би започнало веќе во септември годинава.

Зоран Стратев вели дека сите клубови заинтересирани за учество во натпреварувањето детални информации околу форматот и календарот на натпреварување ќе добијат по вториот состанок закажан во Загреб на 30. јануари на кој ќе присуствуваат претставници на седумте федерации.

„Во принцип сите клубови кои беа присутни на состанокот покажаа заинтересираност за учество во регионалното натпреварување. Јасно ни е на сите дека клубовите и младите фудбалери ќе имаат голема корист од одигрувањето меѓународни натпревари со познати и квалитетни екипи од регионот како Партизан, Динамо, Црвена Звезда, Академија Пушкаш, Олимпија, Хајдук, Марибор или Будуќност. За младите играчи искуството кое би го добиле преку натпреварите со силни екипи од регионот е од големо значење за нивниот понатамошен развој. Голем дел од овие тимови се доминантни во домашните првенства, остваруваат победи изразени со голема разлика, а тоа не би било случај во регионалната лига, таму би играле многу понеизвесни и поквалитетни натпревари“, вели Стратев.

Координаторот на младинските категории во ФФМ истакнува дека во регионалната лига би учествувале најдобро пласираните екипи од домашниот шампионат.

„Доколку се се одвива во најдобар ред и според договореното, лигата би стартувала веќе од септември. На претстојниот состанок во Загреб треба да ги дефинираме или изградиме критериумите околу учеството на екипите, но според првичните разговори во лигата би учествувале најорганизираните екипи од регионот, а тоа речиси по правило се најдобро пласираните тимови од домашните првенства“, истакнува Зоран Стратев.

На состанокот во Фудбалската федерација на Македонија беа присутни претставници на Вардар, Работнички, Шкендија, Шкупи, Победа, Брегалница, Силекс, Македонија Ѓ.П.

Се вчитува...