Струшкиот ракометен турнир го враќа стариот сјај и реноме

Ракометниот турнир со најголема традиција во Македонија, традиционалниот меѓународен турнир „Струга 2018“ годинава ќе се одржи од 15 до 19 август и на него годинава ќе настапат осум екипи кои ќе бидат поделени во две групи. Организатор на турнирот традиционално е РК Струга а покровители се Агенцијата за млади и Спорт и Ракометната федерација на Македонија.

„Чест и задоволство ми е што Агенцијата за млади и спорт е покровител на турнирот на кој настапуваат две македонски екипи уште шест реномирани странски екипи.Како Агенција за млади и спорт континуирано ги поддржуваме манифестациите од ваков тип. Со ова  покажуваме дека ракометот е еден од најпопуларните и најуспешните спортови во Македонија“ – рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски на денешната прес-конференција.

Во рамките на струшкиот турнир годинава за прв пат ќе одржи и македонскиот Супер Куп на кој ќе играат Вардар и Металург. Натпреварот од Супер Купот е закажан за 18 август.

„Како претставник на РФМ, морам да истакнам дека ми е чест и задоволство што по прв пат Супер Купот меѓу Вардар и Металург ќе се игра во Струга, во склоп на турнирот. РФМ постојано ги поддржува ваквите настани кои придонесуваат за развојот на ракометот. како стружанец посебно сум горд што ракометот се враќа на голема врата во Струга. И ја користам приликата да упатам апел до Агенцијата за млади и спорт, Струга да се поддржи инфраструктурно“ – како претставник на РФМ, истакна директорот на македонските репрезентации, Милчо Чакарески.

Стружкиот турнир е спортска манифестација со 46-годишна традиција, а тенденцијата е тој да го врати стариот сјај со реномирани учесници и беспрекорна организација. Тоа е заложбата на организаторот РК Струга и на претседателот на клубот и на организацискиот одбор, Наумче Мојсовски.

Нашата заложба е овој 46-годишен турнир да го одржиме на едно достоинствено ниво. Лани учествуваа шест екипи, годинава имаме осум реномирани учесници со кои турнирот добива на тежина. Чест и задоволство ми е што нашата работа и заложба има резултат и што РФМ и АМС го видоа тоа и се вклучија како покровители на турнирот. Овој турнир е пред се настан за подигнување на ракометот во Македонија“ – потенцираше Мојсовски.

На турнирот „Струга 2018“ ќе настапат осум екипи поделени во две групи. Во првата група се Целје, Бешикташ, Тулуз и Еурофарм Работник, а во втората група ќе играат: Железничар, Констанца, Алингсас и домаќинот Струга.

Годинашниот струѓки турнир ќе има и хуманитарен карактер бидејќи како што информираа организаторите, сите средства од билетите кои ќе чинат по 50 денари (дневен билет), ќе бидат немаенети за Центарот за дијализа во Струга.

Се вчитува...