Суарез е човек за титула – луд пресврт и победа на Атлетико Мадрид

Атлетико Мадрид се наоѓа на еден чекор до титулата во Ла Лига откако тимот на Диего Симеоне со фантастичен пресврт славеше над Осасуна со 2-1, задржувајќи ја предноста во однос на Реал Мадрид. Атлетико одигра извонредно прво полувреме во кое упати дури 17 шутеви кон противничкиот гол, но не успеа да ја затресе мрежата на гостите.

Осасуна го шокираше фаворитот кога со првиот удар кон голот на Облак Хрватот Будимир ги донесе гостите во водство. Сепак, карактерот на избраниците на Симеоне дојде до израз, најпрвин Лоди израмни на 1-1, пред победничкиот погодок да го постигне Луис Суарез на асистенција на Караско.

Атлетико останува на „плус два“ во однос на Реал Мадрид, откако „кралевите“ славеа со 0-1 на незгодното гостување во Билбао против Атлетик, со голот што го постигна дефанзивецот Начо во второто полувреме. Атлетико во последното коло ќе му гостува на Валјадолид, Реал ќе го пречека Вилјареал, а во случај двете екипи да завршат со идентичен број на бодови во предност би биле „кралевите“, поради подобриот скор во меѓусебните дуели.

Резултатската криза на Барселона продолжи со денешниот домашен пораз од Селта (1-2), по кој уште повеќе се намалија шансите Роналд Куман да остане на клупата наредната сезона. Меси со својот 30. овосезонски погодок ја донесе Барса во водство, но Санти Мина со два гола донесе пресврт и триумф на гостите од Виго.

Се вчитува...