Судиската комисија при Фудбалската федерација на Македонија го оцени како висококвалитетно судењето на дерби натпреварот од третото коло во Првата МФЛ, меѓу екипите на Струга Трим Лум и Вардар.
Дуелот заврши со победа на Струга ТЛ од 1-0, благодарение на голот на Малески во 61.минута од средбата, а Вардар пропушти можност да го избегне поразот во 96.минута кога Давид Бабунски не погоди од оправдано досуден пенал за гостите.
„Во една од клучните судиски ситуации, одбранбениот играч на домашната екипа игра со рака во неприродна положба, јасно одвоена од телото, со што го спречува развојот на акцијата на гостинската екипа. Станува збор за казниво играње со рака, а главниот судија е во непосредна близина, со непречен агол на гледање, и правилно досудува удар од белата точка. Во сите останати ситуации, вклучително и при изрекувањето на дисциплинските мерки, одлуките на судиската екипа се правилни. Натпреварот е технички и дисциплински контролиран, без регистрирана судиска грешка“ – се вели во судиската анализа на ФФМ.
ВИДЕОТО ОД ДОСУДЕНИОТ ПЕНАЛ ЗА ВАРДАР МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
