Сухолежник: Алкалоид оди на висок пласман на сите фронтови

Матиц Сухолежник е ракометарот избран од Кире Лазаров и од раководството на Алкалоид како идеално засилување за поранешниот освојувач на Купот на Македонија.

Искусниот словенечки ракометар доаѓа како екстра-засилување за одбраната, каде се очекува да биде столб на дефанзивата на сино-белите од Автокоманда.

„Впечатоците за Алкалоид се добри, ми се допаѓа и клубот и Скопје како град. Пред нас е многу работа, да бидеме спремни на почетокот на сезоната. Се надевам и верувам дека ќе имаме добри резултати заедно. Ја следев македонската лига низ годините, ми се допаѓа што напредува од година во година. Се работи за доста силна лига. Ми се даде прилика да дојдам во Македонија, од претходно си кажав дека ако ми се даде шанса, ќе ја прифатам. Очекувањата за сезоната се секогаш највисоки, секој меч ќе дадеме се од себе и се надевам на што е можно подобар пласман на сите фронтови“, изјави Сухолежник по првиот тренинг со новата екипа.

Алкалоид ангажираше тројца нови ракометари во пресрет на новата сезона, покрај Сухолежник тука е и неговиот сонародник Нејт Цехте, како и црногорскиот „бомбардер“ Вуко Борозан.

Се вчитува...