Супер-дерби во Хрватска: Динамо Загреб со ВАР-пенал се спаси од пораз од Хајдук

Хајдук и Динамо Загреб ремизираа 1-1 во големото дерби на хрватскиот фудбал што беше одиграно вечерва на „Пољуд“ во Сплит. Домашните фудбалери имаат за што да жалат бидејќи беа подобри во првото полувреме, заслужено поведоа, но останаа без цел плен откако Динамо се спаси со ВАР-пенал.

Сплитските „бели“ тргнаа похрабро додека Динамо внимателно ги затвораше приодите кон сопствениот гол. Ваквиот пристап вроди со плод кога Марко Ливаја се најде осамен на вториот дирек по еден корнер од десната страна и ја смести топката во мрежата.

Динамо се разбуди дури во вториот дел во кој „модрите“ се отворија во обид да стигнат до израмнување. На крајот, пресудна се покажа ВАР-одлуката за пенал врз Петковиќ што беше потврдена и од главниот судија, по што истиот фудбалер стрелаше прецизно и спаси бод за Динамо Загреб.

Јани Атанасов влезе во игра во 80. минута на местото на Вуковиќ кај Хајдук, додека Аријан Адеми ги одигра сите 90 минути за Динамо, а Стефан Ристовски влезе во самиот финиш на местото на Батурина.

Динамо Загреб со ова реми ја задржа предноста од осум бода во однос на второпласираниот Хајдук и дури 11 бода повеќе пред Осијек на третата позиција.

Се вчитува...