Супер-фудбал во Тетово, Грнчаров и Ибраими стрелаа и се степаа, на крајот – реми

Шкендија и Вардар одиграа одлично дерби во Тетово и ремизираа 1-1. Фудбалски набој, квалитетен фудбал, желба за триумф од двете страни, многу шанси, и два гола во завршницата на мечот, дело на Бобан Грнчаров (79.) и на Бесарт Ибраими (85.). Шкупи со 5-2 го совлада тимот на Академија Пандев, Победа и Пелистер одиграа 1-1 во Турново, а Работнички и Ренова – без голови во Скопје.


Во Тетово се одигра навистина квалитетно дерби. Фелипе и Барсегјан се заканија на стартот, а потоа возврати Хасани, но не беше прецизен. Во 22.минута, Тигран Барсегјан излезе сам пред противничкиот голман, но не успеа да реализира, а три минути подоцна Гачевски го одбрани обидот на Бесарт Ибраими од десната страна.

Во 42.минута, неверојатна шанса за Шкендија. Ибраими продре по десната страна, нафрли, но го погоди Хасани во телото, а тој не успеа да ја испрати топката во празната мрежа.

Во 51.минута, Тигран Барсегјан се најде очи во очи со Захов, но голманот на Шкендија, успеа да ја спаси својата мрежа.

На спротивната страна, Марјан Радески во 63.минута излезе сам пред Гачевски, а тој со пад во нозе спаси сигурен погодок.

Погодоците дојдоа на крајот. Бобан Грнчаров во 79.минута го доведе Вардар во водство. По корнерот, капитенот на Вардар со удар со глава ја затресе мрежата на домашниот тим.

Но, радоста на скопјани не траеше долго. Само шест минути подоцна, Бесарт Ибраими со одмерен удар од 15 метри успеа да израмни.

Реновираниот тим на Шкупи на фантастичен начин ја започна пролетната полусезона, победувајќи го составот на Академија Пандев со 5-2. Новото засилување Баже Илијоски постигна хет – трик за 16 минути (7., 17., 23.), а во листата на стрелците се запишаа и Ален Јашароски (59.) и Кристијан Стојкоски (79.). За „пандевци“, кои и пролетва продолжуваат со серијата порази, стрелаа Ѓорѓи Стоилов (31.) и Џулио Грифони (71.).

Победа и Пелистер ремизираа 1-1 во Турново. Новите засилувања беа во главна улога и во пелагониското дерби. Борче Маневски во деветтата минута донесе предност за битолчани, а само две минути подоцна израмни Зоран Даноски. На крајот, поделба на пленот и по еден бод за двата тима.

Работнички и Ренова исто така ремизираа, но без голови. „Романтичарите“ беа за нијанса поактивни, меѓутоа не успеаја да го пронајдат патот до мрежата на Ренова. Мишковски постигна погодок за „гипсарите“, но направи и прекршок, па погодокот беше поништен.

Натпреварот меѓу Силекс и Скопје е одложен. Теренот на стадионот во Кратово беше под вода, по што е одлучено мечот да биде одложен за друг термин.

ПРВА ЛИГА, 19.КОЛО

ШКЕНДИЈА – ВАРДАР 1-1

ШКУПИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 5-2

ПОБЕДА – ПЕЛИСТЕР 1-1

РАБОТНИЧКИ – РЕНОВА 0-0

СИЛЕКС – СКОПЈЕ (ОДЛОЖЕНО)

Табела: Шкендија 47, Вардар 39, Силекс 31 (-1), Шкупи 26, Академија Пандев 25, Работнички 24, Победа 20, Ренова 19, Пелистер 17, Скопје 10 (-1).

Се вчитува...