Супер-јубилеј: „Гранде Пандев“ со 450 натпревари во Серија А

Горан Пандев влезе во игра во второто полувреме против Торино, но неговата асистенција при почесниот погодок беше недоволна за Џенова да стигне до поволен резултат на вчерашниот натпревар. Сепак, овој дуел ќе остане од специјално значење за македонскиот капитен бидејќи беше јубилеен 450. натпревар што Пандев го има одиграно во Серија А.

Македонскиот ветеран во елитното италијанско фудбалско друштво ги има брането боите на Анкона, Лацио, Интер, Наполи и Џенова, стигнувајќи до фантастични 450 одиграни натпревари, бројка што доволно говори за реномето на „Гранде Пандев“ во италијанскиот фудбал. Пандев се наоѓа на 34. место на листата на играчи со најмногу средби во историјата на Серија А, ранг-листа на чие чело се наоѓа Џанлуиџи Буфон со 652, пред Паоло Малдини со 647 и Франческо Тоти со 619 одиграни натпревари. Непосредно пред Пандев, на 33. место на оваа листа се наоѓа Роберто Баџо со 452 средби, па за очекување е Македонецот до крајот на годинава сигурно да го мине „малиот буда“.

Воедно, Пандев е четврти на листата на странци со најмногу настапи во Калчо-лигата, за Аргентинецот Хавиер Занети со 615, словенечкиот голман Самир Ханданович со 485 и Бразилецот Жозе Алтафини Мацола со 459 одиграни средби во Серија А.

Се вчитува...