Ракометарите на Охрид со извонреден резултат и пораз од само еден гол разлика (27-26) се враќаат од Словенија по дуелот со Целје од првиот натпревар во полуфиналето од ЕХФ Европскиот Куп!
Охриѓани се на одличен пат за своја клупска историја и место во финалето во Европскиот куп, по денешниот прв дуел со Словенците во кој загубија со само еден гол, во очекување на реваншот на 2 мај во Охрид.
А, денешниот дуел можеше да заврши и поразлично, ако се суди според играта на Целје во првото полувреме кое го доби четири гола разлика, (15-11).
Словенците во првите десет минути од вториот дел стигнаа и до предност од +6 гола. Но, потоа следеше одлична игра на македонскиот тим во одбраната, „умртвувајќи“ ги домашните кои останаа цели десет минути без погодок, па Охрид успеа да ја намали предноста на Целје.
Во финишот се влезе низ игра гол за гола, а со само два негатива за Охрид. Во последните десет секунди, при водство на Целје од 27-25 и напад, Филиповиќ на голот на македонскиот тим одбрани извонредно, што беше негова десетта интервенција на мечот, а Ѓукиќ погоди буквално во последната секунда за конечни 27-26
Најефикасен кај Охрид беше токму Ѓукиќ со пет гола, а Стрмљан и Иванковиќ постигнаа по четири погодоци.
Анжиќ со осум гола беше најдобар поединец кај словенечки Целје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
