Дирк Новицки е пред пензионирање, но Лука Дончиќ ќе добие уште еден врвен европски кошаркар за соиграч во Далас маверикс. Станува збор за Кристапс Порзингис, извонредниот летонски кошаркар кој се наоѓа пред заминување од Њујорк никс, а негова следна дестинација речиси сигурно ќе биде Далас.
Американските медиуми обајвија дека Порзингис сака да си оди од Њујорк поради губитничкиот менталитет што го создаде оваа екипа во минатите години. Летонецот се уште се рехабилитира од тешката повреда на тетивата, а управата му излегла во пресрет и почнала преговори со Далас за негов „трејд“ во следните неколку дена.
Разговорите се влезени во завршна фаза, откако Далас се согласил заедно со Порзингис да ги преземе и договорите на Хардавеј џуниор и на Кортни Ли, додека Њујорк во размена за овие тројца ќе ги добие Денис Смит, ДеАндре Џордан и Вес Метјуз. На Њујорк му оди во прилог што договорите на Џордан и на Метјус ќе истечат на крајот од сезонава, со што управата на никс ќе има доволно место во селари-капот за да донесе најмалку еден врвен кошаркар, како лидер на тимот во годините што следат.
Од друга страна, Далас ќе соедини двајца врвни европски кошаркари како Дончиќ и Порзингис, како најава дека пред овој тим е многу светла иднина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА