Супер-засилување: Вардар ја доведе Цвијиќ од Будуќност

Македонскиот првак ЖРК Вардар доведе огромно засилување за следната сезона, договарајќи го трансферот на Драгана Цвијиќ. Пивотменската позиција важи за една од најслабите во таборот на „црвено-црните“, а раководството реагираше на вистински начин, ангажирајќи ја Цвијиќ која воедно важи и за една од најдобрите дефанзивни ракометарки во Европа.

„Вардар почна да го создава тимот за следните сезони, а ангажирањето на Драгана Цвијиќ е дел од намерата екипата да добие квалитетни засилувања на секоја позиција. Верувам дека со доаѓањето на Цвијиќ во нашите редови ќе имаме уште поконкурентна екипа подготвена за високи дострели. Вардар секогаш се стреми да ги има најдобрите можни играчи во своите редови, кои ќе придонесат за остварување на зацртаните клупски цели – врвот на Европа“ – истакна директорот на Вардар, Давор Стојаноски.

Драгана Цвијиќ доаѓа во Вардар како двократен европски првак, во 2012 и во 2015 година. На репрезентативен план со репрезентацијата на Србија освои сребрен медал на СП 2013. Има и златен медал од Медитеранските игри во Мерсин. Во 2008 година беше избрана за најдобра ракометарка во Србија, а во 2013 година и дел од Ол стар тимот на СП.

Заминувањето на српската интернационалка е јасен предзнак и за падот на Будуќност од врвната европска ракометна сцена, откако своето заминување го договори и Катарина Булатовиќ, која кариерата ќе ја продолжи во тимот на Ростов.

Се вчитува...