Мундијал на пријателството во Улцињ. Да бидам искрен, кога решивме да одиме како редакција, не знаев што да очекувам, едноставно тргнавме на пат како и многу пати досега, како дел од обврските, да сработиме нешто поразлично, да се сретнеме со дел од спортските легенди од регионот, и да снимиме неколку договорени разговори за подкастот на Пресинг.
Најубаво е кога очекувањата не се преголеми, но кога реалноста значително ќе ги надмине. И токму тоа ни се случи изминатиот викенд во градот на црногорското приморје.
Работа како работа, ја завршивме, и тоа онака релаксирано…, затоа што целиот амбиент беше неверојатен. Насмевки на сите страни, добредојдовте, пак да дојдете, ви благодариме, се гледаме, Македонци, секако, за вас се што треба…! Сето ова е дел од општата култура на секојдневието, секојдневие кое за жал кај нас како да го имаме заборавено, па кога ќе го сретнеме надвор од македонските граници ни делува така грандиозно.
И искрено, и беше такво – грандиозно… Да ги видите Раѓа и Вранковиќ како издвојуваат време за краток разговор и фотографија со сите што им пријдоа, да слушнете за промашениот пенал на Хаџибегиќ на СП 1990 против Аргентина, токму од Хаџибегиќ, легендарниот Милановиќ да ви говори за тајните на ватерполото. Да ви се пофали Вилфан колку добар зет има од Македонија (нашиот Владо Илиевски), или да го видите како на бина пред сите се обраќа легендарниот Иво Данеу, дојден во Улцињ на 89-годишна возраст во друштво на својата сопруга. Да видите како всушност изгледа во живо Примож Улага, легендарниот ски-скокач за кого навивавме пред распадот на Југославија…, да слушнете како еден Бојан Крижај со воодушевување зборува за Македонија, да ја почувставувате срдечноста на Мирослав Ѓукиќ, на Данира Накиќ, на легендарниот Љубомир Радановиќ, на Веселин Вуковиќ… И што уште не…
Промоции на книги, на документарни филмови, но најважно од се, атмосфера што не може да се опише со зборови. Позитива од секој аспект, од организаторите, легендите, спортистите, останатите новинари, па и самите граѓани на Улцињ кои се горди што овој Мундијал веќе стигна до бројката пет, а сигурно ќе продолжи уште долги години во периодот што следи.
Зад идејата стои еден човек, Павле Пепѓоновиќ. Човек без спортска историја од аспект на некаква кариера, но лик што импресионира од првиот момент кога ќе го сретнете.
Прв човек на проект, ама не „шеф“ или „газда“. Растргнат на сто страни, обврски преку глава, а секогаш со пет секунди време за секого, да го испочитува секој гостин, но и секој обичен граѓанин на Улцињ.
Му се обратив: „Легендо, секоја чест“, кога беше растрчан при промоцијата на книгата „Жоц“ носејќи го микрофонот од еден до друг што сакаше да постави прашање.
Нем поглед и одговор: „Секоја чест на сите нас овде!“

И токму таа негова енергија, таа добрина со која зрачеше Павле, како да стана заразна за сите во Улцињ изминатиот викенд. Не беше важно дали е Данеу, Раѓа, Бојан Крижај или некој што не беше од редот на „ѕвезди“, тука сите беа исти, сите беа во духот на називот на настанот – Мундијал на пријателството. Затоа што како што нагласија и Хрватите, и Србите, и Словенците и сите останати – спортот е она што обединува, а главната одлика на овој мундијал на пријателството е што граници не постојат, не само географски, туку оние уште поважните – човечките.
Црногорци, Срби, Босанци, Албанци, Хрвати, Словенци… А, Македонци? Е Македонци имаше ако сме искрени, најмалку. Два и пол. Драган Канатларовски и Шабан Трстена, кои очекувано се на пиедестал од сите медиуми од регионот, и заедно плус со Бошко Ѓуровски кој беше првпат тука. И толку! А, во изминатите четири години биле уште Кочо Димитровски, Ванчо Балевски, Драги Сетинов, Виктор Треневски, Гордан Здравков. И, толку!
„Викнав, и тоа најмалку дваесет Македонци. И тоа поранешни ѕвезди, од повеќе спортови, од различни генерации. Еден по еден откажуваа, некој имаше објективни причини, некој не, но нема врска, следната година пак ќе ги поканам. Македонија има толку многу легендарни спортист кои сакаме сите да ни бидат гости“, во свој стил, крајно добродушно ќе рече Пепѓоновиќ, и со искрена желба бројката на македонски спортисти догодина да биде поголема.
Имиња на поканетите нема да споменуваме, но навистина, што е проблемот… да се биде дел од ваков настан, да го добиете третманот што како спортист го заслужувате и по завршувањето на кариерата, да бидете рамо до рамо со поранешни ривали, соиграчи, фанови… Навистина, што е проблемот, да сме толку изолирани во својот „двор“, да бидеме балкански шампиони во „мрчење“ како знаеме се, да солиме памет во мало друштво или на социјални мрежи, а кога некој ќе ви подаде рака на искрено пријателство, да се најдат најмалку десет изговори да не се биде дел од „Мундијалот на пријателството“.
А навистина сите ја сакаат Македонија, и тоа колку. Топлината кога ќе нагласевме дека изјавата што ја бараме е за македонските медиуми, тоа не се опишува… Секој од нив некогаш бил во нашата земја, кој бил во војска, кој играл таму, на жешките терени во фудбал, кошарка, ракомет…. Секој се уште има по некој добар пријател во Македонија, кој бил се уште ги памети вината од тиквешијата и нашата храна, но пред се добрината на македонскиот народ. И наместо да сме тука побројни, да бидеме еднакви меѓу еднаквите, бројноста на македонските спортисти беше инфериорна во однос на сите останати.

Неколку пати во текот на викендов слушнав како од бината – „Павле, не давај да ти ја украдат идејата“.
Tој според многумина заслужува да го патентира овој свој проект и добро да заработи, но Пепѓоновиќ не размислува во тој правец, тој гласно говори како би сакал да има ваков фестивал еднаш во годината и некаде во Македонија, па и во Хрватска, Бих…
„Не давај да ти ја украдат идејата?“ Која идеја?
Идејата да се биде човек, да се биде позитивен, културен кон околината, секогаш насмеан и почитуван, да си еднаков со другите дури и кога си спортска ѕвезда, да се каже добар ден кога ќе се влезе во просторија во која не познаваш никого, да се подаде рака и да се помогне некому и кога не го познавате…
Идеја? Тоа некогаш одамна, додека јас лично растев беше едно нормално однесување, домашно воспитување. Каде само се загубивме низ сите овие години, за да сега на сето ова гледаме со таква доза на импресионираност, од човечност и култура.
И токму затоа, догодина пак ќе се оди во Улцињ, овојпат не за работа како приоритет, туку за повторно да се биде дел од таа магична приказна, многу повеќе од човечки колку од спортски аспект. А тоа е уште повредно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА