Во најновата епизода на „ПРЕСИНГ“ гостин е поранешниот македонски селектор Мирсад Јонуз кој меѓу бројните теми се осврнува и на периодот кога беше предводник на националниот тим од 2009 до 2011 година.
Токму во тој период Горан Пандев се соочуваше со својот најтежок период во Лацио, кога поради проблемите со Клаудио Лотито, беше изолиран и исклучен од првиот тим, без настап повеќе од девет месеци.
„Во мое време, што млада репрезентација, што А-репрезентација, имам забележано дека, фудбалери имаат направено трансфери околу 40 милиони евра. И, најблагодарен од тие треба да е Горан Пандев, кој што не играше од април до Нова година. Јас можев едноставно тогаш, не играш во клуб, и да го пречкртам“ – вели Јонуз.
Но, дали може така лесно име како Горан Пандев да се пречкрта?
„Ако сакав можев. Но, јас влегов човечки кон тоа. Тој беше најдобар македонски фудбалер. Јас со него разговарав. Му реков дека ќе бидеш повикуван, тренирај, земи приватен тренер. Замислете тие девет месеци ако не играше, во кој клуб ќе одеше?“
Јонуз открива дека најтешкиот период за Пандев бил летото 2009 година кога сакал и да се откаже од фудбалот…
„Најтешко беше во 2009 година, одиме за Шкотска, а во Шпанија до 30 август се затвора трансфер пазарот. Преговори, ваму- таму, Зенит, Интер, Шпанија, други клубови…, цела историја ја знам. Кога затворија берзата во Европа, а Лотито не го пушти, тој дојде кај мене и ми рече: „Селекторе, јас завршив со фудбалот. Готово!“ Јас му реков: „Нема да завршиш, сè ќе направиме. Ти си еден од најдобрите фудбалери во Македонија во историјата“. И е, заедно со Дарко Панчев, и тоа треба се почитува и да му се помогне. Тој беше толку разочаран по сè што се случуваше во Лацио, и од Лотито и од се! Не е едноставно сам да тренираш. Никако не е едноставно… Го издржа тој период и после откако се се среди го даде максимумот и имаше случаи, и за тоа можам да му честитам, дека сам, кога потпиша за Интер и кога направија успех, сам си плаќаше авион за да доаѓа директно на собирите во репрезентацијата“ – вели Јонуз.
Јонуз открива и дека во 2017 година го убедиле Пандев да прифати да се кандидира и за претседател на Фудбалската федерација на Македонија, но после тоа се премислил…
„Тој е човек кого го нервираат неправди и најверојатно заради тие неправди потоа напушти репрезентацијата, па после го убедија да се врати и да игра. Инаку моја иницијатива беше, јас бев специјално во Џенова кај него, тогаш бидејќи имаше 34-35 години, да го убедиме да стане тогаш претседател на Федерацијата. Тој едно време го прифати тоа, па после тоа одби. Тоа останува енигма како испадна и зошто одби… Но, затоа после тоа отиде на Европско првенство 2020 година и играше со Македонија на ЕП!“ – вели Јонуз во „ПРЕСИНГ“.
============================================
КОМПЛЕТНИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО МИРСАД ЈОНУЗ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
