Тиквеш ја признава грешката која го исфрли од Купот и вината ќе ја бара само кај себе

По одлуката на комисијата за натпревари на ФФМ да ја усвои жалбата на Вардар и да го исфрли Тиквеш од Купот на Македонија, експресно се огласи тимот од Кавадарци.

Од таборот на Тиквеш ја признаваат грешката со административниот пропуст со играчот Екеро Ебубе Висдом поради која загубија со службени 3:0 од Вардар иако мечот во Купот го добија со 3:1.

„ГФК Тиквеш ја информира јавноста дека ја прифаќа одлуката донесена од Фудбалската федерација на Македонија во врска со утврдената техничка грешка.

Како клуб со долгогодишна традиција, богата историја и голема одговорност кон своите навивачи и градот Кавадарци, сметаме дека е наша обврска да постапуваме транспарентно, одговорно и во согласност со фудбалските прописи.

Свесни сме за сериозноста на настанатата ситуација и за незадоволството што таа го предизвика кај нашите навивачи и поддржувачи. Клубот нема да бара оправдувања надвор од сопствените редови, туку целосна одговорност за направениот административен пропуст ќе ја бара во сопствените структури.

Во таа насока, раководството на ГФК Тиквеш ќе преземе конкретни мерки и ќе изврши промени во административниот сегмент кој е задолжен за водење, подготовка и контрола на официјалната документација и процедурите поврзани со натпреварувањето.

Нашата цел е ваквите пропусти никогаш повеќе да не се повторат, а работењето на клубот да биде на ниво што го заслужуваат името, традицијата и угледот на ГФК Тиквеш“, соопштија од тимот од Кавадарци.

 

 

 

Се вчитува...