Полувреме: Моќна Македонија и убедливо водство со аутсајдерот

Македнија одигра моќни 30 минути во кои целосно го скрши отпорото на Луксембург и на одмор замина со убедливи 20-10, како најава за стартната победа во квалификациите за ЕП 2028. Нашите ракометари имаат максимално сериозен пристап во мечот, одиграа стопроцентно фокусирано во првиот дел, што им донесе дури и двоцифрена предност по само дваесетина минути игра.

Десното крило Петковски го реализираше првиот напад на натпреварот, како најава за квалитетното полувреме на Македонија против аутсајдерот во групата. Томовски почна сигурно на голот, па предноста по три минути игра веќе беше 3-0 (прецизни беа и Митев и Кузмановски). Продолживме да доминираме и по исклучувањето на Митев (поради случаен удар во главата на противничкиот голман), па со вториот седмерец на капитенот Кузмановски поведовме со 5-1 по нецели седум минути игра.

Цврстата одбрана на чело со Томовски функционираше беспрекорно, противникот имаше само еден гол во првите десет минути, период во кој Македонија стигна до водство од 7-1. Динар побара тајмаут во 12. минута, но предноста на Македонија растеше и со двата гола на Петковски набрзина стигнавме до 9-1.

Во 17. минута, при наше водство од 10-2 за првпат на еден меч на македонската репрезентација во нашиот состав влезе Дмитро Горига, а Украинецот со македонски пасот во 21. минута го постигна и првиот гол за нашиот национален тим, за водство од 12-3, а првата двоцифрна предност ја имавме минута подоцна, кога Серафимов погоди за 13-3. Темпото пред крајот на полувремето малку опадна, противникот го искористи за да постигне неколку погодоци, па на одмор заминавме со убедливи 20-10, предводени од најдобриот стрелец Петковски со пет гола од исто толку обиди.

Нема сомнеж дека преостанатите 30 минути ќе бидат само рутина за нашите ракометари, кои ќе чуваат и дел од силите за неделниот далеку посериозен противник, гостувањето во Грција.

Се вчитува...