Тактиката скроена во Скопје, вечерва на „Ренцо Барбера“ само финална „глазура“ пред утрешниот дуел

Од Палермо, Италија

Владимир Булатовиќ

Македонскиот селектор Благоја Милевски комплетната тактичка обработка околу изгледот на националниот тим на утрешниот натпревар против Италија во полуфиналето од баражот за пласман на СП 2022 ја заврши во Скопје. Вечерва во Палермо ќе биде само заокружување на мини-подготовките како начин единствено за почувствување на амбиентот на најголемиот стадион на Сицилија.

По вчерашното пристигнување во Палермо во вечерните часови, денеска македонската репрезентација ќе го реализира единствено официјалниот тренинг на „Ренцо Барбера“ од 19:30 часот за довршување на финалната „глазура“ на тимот. Претходно, закажана е официјалната прес-конференција на македонската репрезентација пред утрешниот дуел.

Милевски може да смета на сите повикани фудбалери од кои, со една до две дилеми, веќе и се насетува стартниот тим за пресметката со Италијанците закажана за утре од 20:45 часот.

Се вчитува...