Талески го растури Охрид, Вардар броеше до 38

Вардар без многу проблеми се пласираше во финалето од својата група во Купот на Македонија, откако „црвено-црните“ попладнево триумфираа над Охрид со убедливи 38-30. Ефикасниот напад беше заштитен знак на бранителот на трофејот на овој натпревар, па „вардарци“ со едната нога веќе се на фајналфор турнирот ако се знае дека ривал во финалето од групата ќе им биде подобриот од мечот Скопје – Јуниор Кисела Вода.

Охриѓани добро парираа во голем дел од првото полувреме, избраниците на тренерот Андоноски имаа предност од 4-6 и од 5-7, но Вардар потоа го сврте резултатот во своја полза, поведувајќи со 9-8. Наредните минути минаа во доминација на актуелниот шампион, „вардарци“ набрзина стигнаа и до 14-10, но Охрид сепак со нешто подобра игра пред крајот на полувремето на одмор замина со негатива од два гола (20-18). Дуелот беше израмнет само до 23-22, по што Вардар постигна три гола во низа, но потоа и продолжи да доминира до самиот крај на натпреварот, триумфирајќи со конечни 38-30.

Филип Талески одигра одличен натпревар постигнувајќи 11 погодоци, додека седум гола постигна Дејан Манасков. Во редовите на Охрид најефикасни во денешниот пораз беа Шешиќ со седум и Бојаниќ со шест погодоци.

Се вчитува...