Талески: Грција со години вложува во ракометот, добра шанса ние да видиме до каде сме…

Филип Талески летово ги смени клупските бои, од Вардар се пресели во португалскиот гигант Бенфика, но кога станува збор за репрезентацијата тука нема преголеми промени, левиот бек останува еден од клучните играчи во нашиот национален тим.

Одличниот ракометар ќе биде меѓу главните адути на Лазаров на претстојниот двомеч против селекцијата на Грција, за која Талески има само пофални зборови.

„Ќе одиграме два пријателски натпревари против Грција на кои можеме да пробаме одредени работи и да видиме што треба да поправиме за Европското првенство каде не чека тешка група. Играме со противник кој во последните години вложува во ракометот, ќе игра на ЕП 2024 година и притоа има екипи кои играат на европска сцена. Пред нас се два квалитетни нaтпревари, добра шанса да видиме до каде сме за да можеме да се корегираме до почетокот на ЕП во јануари“, изјави Талески.

Смената на генерации се прави веќе неколку години наназад, а позитивно според левиот бек е што сега речиси сите ракометари веќе имаат настап на барем по едно големо натпреварување во репрезентативниот дрес.

„Ракометарите се речиси истите, но многу важно за нас е што сите имаат поголемо искуство. Некаде околу 80% од нив играат на европска сцена, што е голем плус. Мислам дека сите имаат сфатено што значи да се игра светски и европски ракомет, тоа искуство ќе биде голем плус за нас во репрезентацијата“, прокоментира еден од најдобрите македонски ракометари во моментов.

Се вчитува...