Таневски и Стјепановиќ едногласно: Го сакаме Куп пехарот во Ѓорче!

Македонија ЃП и Академија Пандев се актерите во утрешното 27-мо финале од Купот на Македонија кое, по пауза од две години, повторно се враќа во Скопје на националната арена „Тодор Проевски“.

За Академија Пандев ова ќе биде прво финале во историјата, додека ѓорчепетровци во својот трет финален дуел ја посакуваат и втората титула.

„Се разбира дека силно го посакуваме трофејот во Купот. Јасно е дека и за двата тима ова е одлична шанса да стигнат до титула до сезонава и никој нема да сака да ја пропушти. Не очекува тежок противник кој оваа пролет игра одличен фудбал. Но, ние имаме искусни фудбалери кои може да одговорат на задачата со многу освоени трофеи во своите кариера, и сигурен сум дека може да ни го донесат и овој трофеј“ – вели тренерот на Македонија ЃП, Александар Таневски.

Слично е размислувањето и на поранешниот македонски репрезентативец Остоја Стјепановиќ…

„Сакаме да го вратиме куп трофејот повторно во Ѓорче Петров. Имаме исцрпувачка сезона зад нас, но овде се се заборава на вакви дуели и сигурно ќе дадеме се од себе да стигнеме до победата“ – истакна Стјепановиќ.

Македонија ЃП во својата историја има две финалиња во Купот на Македонија. Славеше во сезоната 2005/06 против Шкендија, а во сезоната 2008/09 по изведување на пенали загуби од Работнички.

Се вчитува...