Таневски: Македонија ЃП заслужи финале штом ги елиминира Вардар и Работнички

Македонија ЃП стигна до третото финале во Купот на Македонија во клупската историја, откако ја елиминира Беласица во полуфиналната пресметка. Со две минимални победи од 1-0, со цврста одбрана и без примен гол, тимот на Александар Таневски покажа дека местото му е меѓу двете најдобри екипи оваа сезона во најмасовното фудбалско натпреварување. Младиот стратег смета дека „лавовите“ според прикажаните игри и ривалите што ги елиминираа на патот до финалето, апсолутно заслужија да бидат дел од завршниот меч за куп-трофејот.

„Мислам дека заслужено сме дел од финалето. Победивме во двата меча против Беласица, која е навистина квалитетен состав. Беше неизвесно, но со максимално залагање фудбалерите успеаја да остварат целта. Ако се земе во предвид дека на патот кон финалето ги елиминиравме и Вардар и Работнички, тогаш сигурно сме заслужиле да бидеме дел од завршниот натпревар за пехарот“, изјави Александар Таневски.

Македонија ЃП во финалето на Купот на Македонија ќе игра против тимот на Академија Пандев.

Се вчитува...